Олеандерот е убава зимзелена грмушка која потекнува од областите околу Средоземното
море. Има зелени, копјести, кожести листови кои растат еден спроти друг. На врв на
гранката се јавуваат цветови кои цветаат по неколку заедно од јуни до септември.
Потребно им е многу топлина и сонце за да цветаат. Ако е летото врнежливо тогаш
многу малку цвета. Цветовите може да бидат единечни или повеќеслојни, најчесто во
бела, беж, жолта, розова и црвена боја. Во приморските краеви, каде олеандерот е
посаден надвор во текот на целата година, може да порасне во грмушка висока и до 5
метри.
Задолжително насадете го на место каде има многу сонце. Во континенталните краеви
каде зимите се ладни, треба да се насади во големи саксии во добра, хумусна земја, а
во текот на зимата да се внесе во затворен простор. Во текот на зимата треба да биде
на светло место на температура од околу 5°С. Инаку ќе му израстат издолжени бели
гранки, а и целото растение ќе се исцрпи, па најчесто е нападнато од разни штетници.
Коренот треба да се одржува влажен.
Во периодот кога расте бара многу вода, така да, ако е посаден во саксија треба да
се полева секојдневно. Од кога ќе почне да цвета па до крајот на август, треба да се
прихранува еднаш седмично.
За да има убав грмушкаст облик потребно е да се крои.
Подобро е тоа да го направите
во февруари отколку на есен, бидејќи ако е многу студена зимата ќе измрзнат младите
изданоци. На постарите примероци се препорачува да се отсечат внатрешните гранки
за да добие растението светлина. Ако премногу порасне во височина, слободно
одрежете го до дрвениот дел од стеблото со остар, кос рез. Младите растенија
одрежете ги до 2/3 од нивната висина за да добијат убав грмушкаст облик.
Се размножува со резници во рано лето. Резниците треба да се стават во вода додека
не пуштат коренчиња. Кога ќе ги пресадувате внимавајте бидејќи корењата се многу
нежни и кршливи.
И внимавајте! Олеандерот е отровно растение, па кога го режете, пресадувате и сл.
задолжително користете ракавици.