Татковина на ова растение со необичен цвет е територијата на Медитеранот и Јужна Африка, а кај нас се сретнува и како самоникнато.
Има цврсто стебло кое расте вертикално и по цела должина има нанижано долгнавести листови, еден спроти друг. Цветовите имаат карактеристична форма и кога ќе се притиснат се отвораат како уста.
За садење во градината постојат високи видови (80-120 cm) кои најчесто се садат како режано цвеќе за вазни, средни (30-60 cm) за комбинација со други цвеќиња и ниски, џуџести видови (15-20 cm) кои се садат на работ на градината или во каменикот.
Цветовите може да бидат еднослојни или дупли, а се сретнуваат во многу голем распон на бои: бели, жолти, портокалови, виолетови, сите нијанси на црвена, а ги има и во две бои.
Во студените подрачја, каде периодот на мразеви трае долго, мора да се садат секоја година во доцна пролет директно во градината. Во топлите подрачја презимуваат, а освен тоа сами се осеменуваат, па растат насекаде.
Најмногу им одговара сончево место, а земјата може да биде и обична, од градината, но подобро е ако е добро дренирана.
За да добиете грмушкаст облик, потребно е на младите растенија кога ќе пораснат 6-8 cm да им ги скратите врвовите.