Ова интересно растение ползавец расте многу брзо и богато се разгранува. Многу е отпорно и лесно се одгледува, а многу убаво изгледа во висечки саксии. За шарените листови да имаат интензивна боја треба да биде поставено на светло место, но далеку од силно сонце. На слаба светлина ја губи својата боја.
Во лето може да го изнесете надвор, но да му обезбедите доволно влага во земјата и воздухот. Во зима чувајте го во средно студена просторија, од 12-15 степени, но не под 10 степени.
Земјата треба да биде добро дренирана бидејќи вишокот вода може да предизвика гниење на коренот. Полевајте го кога ќе видите дека земјата е сува. Во периодот на раст (од март до август) полевајте го секојдневно, а во зима многу поретко.
Додека е во период на раст прихранувајте го со течно ѓубриво на секои 2-3 недели. Бидејќи не поднесува сув воздух, во текот на летните горештини редовно оросувајте ги листовите. Ова практикувајте го и ако го чувате во просторија со централно греење. Кастрењето на гранките поттикнува богат жбунест раст и поубав изглед.
Се размножува многу едноставно со делење или со кастрење на младите изданки. Во чаша со вода ставете ја младата гранка и откако ќе пушти коренчиња посадете ја.