Ова растение има сјајни, светлозелени листови и цветови со 5 латици кои може да бидат еднобојни во сите нијанси од бела до виолетова, а понекогаш имаат и средишен дел во друга боја.
Расте како грмушка со висина околу 35 cm и тоа многу брзо. За една година од мали резници растат грмушки кои се богати со цветови. Додека се температурите под 12°С треба да го чувате на затворено, а кога ќе се затопли извадете го надвор. Најдобро е да стои на место каде нема да биде изложено на јако сонце, но за да се стимулира цветањето треба да се овозможи малку утринско или благо попладневно сонце.
Во периодот додека расте и цвета треба редовно и обилно да го залевате, но да не се задржува водата во подлошката. На секои две недели прихранувајте го со течно ѓубриво за растенија кои цветаат. Додека го чувате внатре залевајте го поретко и на го прихранувајте.
Се размножува со резници од стеблото кои треба да се стават во мешавина од песок и компост, најдобро во пролет или на почетокот на летото кога без проблем може да биде надвор. Старите растенија послабо цветаат, па затоа се препорачува да ги обновувате секоја година и да ги одгледувате како едногодишни.