Геснерија е род на растенија со околу 50 видови кои главно потекнуваат од Карибите, а името го добила по швајцарскиот лекар и ботаничар Конрад Геснер. Се одликува со меки, сочни, зелени, влакнести листови, а на врвовите на стебленцата има пламено црвени цветови во форма на цевчиња, долги околу 6 cm, зрачно наредени. Цвета во текот на летото, а ако за време на цветањето се дохранува, цутењето ќе трае се до есента.
Кога ќе прецвета постепено се престанува со залевањето. Листовите ќе овенат и отпаднат, а во саксијата ќе остане кореновиот систем кој ќе презими во сувата земја, на температура од околу 10°С.
Во февруари или март геснеријата ќе почне да се буди. Кога ќе го забележите овој процес истресете ја старата земја од кореновата грутка и посадете ја одново во истата саксија, но со нова земја. Внимавајте да не биде предлабоко садењето, не треба да има земја одозгора.
На почетокот има потреба од топлина и малку влага, па затоа е најдобро саксијата да ја ставите на радијатор или камин и само повремено да ја полевате. Кога ќе се појават млади ливчиња саксијата преместете ја на прозор, во загреана, светла просторија, но не на директно сонце. Кога ќе почне да расте полевајте ја сè повеќе и почесто.
Во периодот на вегетација полевајте ја со мека вода редовно и умерено бидејќи е осетлива на суша. Бидејќи е осетлива и на многу влага не треба да ги мокрите листовите бидејќи ќе се појават темни дамки на нив или ќе почне да трули. Полевајте ја долж работ на саксијата.
Додека расте, а особено додека цвета, прихранувајте ја на секои 2 седмици. За време на топлите летни денови може да ја изнесете надвор, но заштитете ја од сончевите зраци. Ако ја чувате внатре редовно проветрувајте ја просторијата каде е сместена.
Геснеријата се размножува со резници и од семе.