Јакобинија или Јустиција (lat. Justicia carnea) е трајно зелјесто растение од фамилијата Acanthacea. Расте исправено како грмушка и може да нарасне до 1,5 метри. Листовите му се темнозелени со должина до 20 cm. Цветовите се групирани во големи густи цветови, кои може да се црвени, розови или портокалови, а цутат од пролет до есен. Плодот е капсула која содржи до четири семки.
Природно е распространета во тропските подрачја на Јужна Америка (источен Бразил). Не поднесува ниски температури, па кај нас треба да се одгледува во саксии. Расте на светли места, а најдобро да е во полусенки, бидејќи не поднесува директно сонце. Температурата каде престојува треба да се движи до 25°C, а во зима од 16°C до 18°C. Во пролет може да се изнесе надвор, а тогаш вообичаено се прави пресадување на растенијата при што се крати растението и се засадува во хумусна почва.
Се размножува со резници кои исто така се земаат во пролет и тоа после цутење, и истите се ставаат под стаклено ѕвоно, на светло место, подалеку од директно сонце. За време на растењето треба да се полева обилно и тоа со вода на собна температура, а зиме да се прска со вода бидејќи не поднесува сув воздух.
Јакобинијата треба почесто да се полева и да се прскаат листовите. Сувиот воздух е погоден за напад од страна на лисни вошки, а сувиот бусен или превисоките температури доведуваат до опаѓање на листовите или цветовите.