Ова нежно и брзо растечко растение потекнува од планинските шуми на источна
Африка и Занзибар. Неговото латинско име "Impatiens" значи нестрплив, а тоа се
однесува на експлозивното отворање на зрелите плодови кои го фрлаат семето
наоколу.
Постојат многу хибриди, но сите имаат сукулентни стебленца и нежни цветови кои
може да бидат бели, розови, портокалови, во сите нијанси на црвена, виолетови и
прошарени.
Може да го чувате во саксии и сандачиња на терасата или во градината во полусенка.
Бара многу влага, но не дозволувајте да остане вода во подлошката. Во периодот на
интензивен раст (мај - септември) прихранувајте го на секои петнаесет дена со течно
ѓубриво за растенија кои цветаат.
Со доаѓањето на постудените денови внесете го внатре, ставете го на светло место и
залевајте го само колку да не се исуши земјата целосно. Може да цвета цела зима ако
температурата не падне под 15°С.
Воденката подобро цвета ако е "во тесно", па не ја садете во големи саксии. Сите
видови лесно се размножуваат со резници. Земете резница долга 8-10cm во рана
пролет. Во плиток сад ставете парче дрвен јаглен и наполнете ја 2/3 со вода. Покријте
го садот со целофан или најлон, заврзете го со гумено ластиче, направете дупки во
целофанот и таму ставете ги резниците во вода. Кога ќе пуштат коренчиња пресадете
ги во мали саксии.
Едногодишните видови кои најчесто се садат во градината (Impatiens walleriana) се
размножуваат од семе, а младите растенија пресадете ги во мај.
Ако растението се издолжи, слободно одрежете ги врвовите за да добие грмушкаст
изглед.