Поради своите лековити својства лавандата се одгледува уште од времето на стара Грција и Рим, каде се користела како лек за несоница и се правеле разни миризливи лосиони и купки. Потекнува од подрачјето на Медитеранот, Канарските Острови и Индија, но денес се огледува во целиот свет.
Лавандата е зимзелено, исклучително ароматично полудрвенесто растение кое расте како грмушка, со висина од 50 до 80 cm. Цвета од јуни до август, со цветови во сите нијанси на виолетова боја, наредни во клас. Поради својот раст и сиво-сребрените листови многу е декоративна и кога не е во цвет, а погодна е за обликување ниска жива ограда бидејќи добро поднесува кастрење.
Најдобро е да ја насадите во април и мај, во добро дренирано земјиштето и избегнувајте влажни подрачја. Во првата фаза по садењето треба редовно да ја полевате, а потоа добро поднесува суша. Во текот на зимата не треба воопшто да ја полевате бидејќи ако е земјиштето без вода може да поднесе температури и до -20°С. Посадете ја на сончево место каде ќе биде заштитена од ветар.
За да добиете убаво формирана грмушка важно е лавандата да ја кастрите. Првата година, кон крајот на мај, скратете ја на 8-10 cm височина, а другата година на 15-18 cm височина. Потоа веќе нема потреба да ја обликувате грмушката. Се кастри во пролет и во доцна есен, а во лето, по цветањето, се сечат цветните стебленца се до листовите. Правило при кастрењето е да не се реже старото дрво бидејќи веќе нема да пушта млади гранчиња.
Ако ја садите во саксија, ставете ја во мешавина од тресет и чакал, а на дното на саксијата ставете дренажен слој од чакал. Чувајте ја на сончево место или полусенка, но така нема да ја достигне својата полна убавина. Додека цвета прихранувајте ја со течно ѓубриво. Во зима внесете ја саксијата во заштитен, но не загреан простор и дозволете земјата целосно да се исуши. На пролет почнете да ја полевате и изнесете ја надвор на сонце.
Мирисот на лавандата е непријатен за многу инсекти, како на пример комарците, па саксијата со свежа или букет со сува лаванда на терасата може да ве заштити од нив во текот на летото.
Цветовите на лаванда може едноставно и сами да ги исушите. Наберете ја веднаш по отворањето на пупките и закачете ги гранчињата собрани во букет свртен со цветовите надолу да се сушат на воздух. Сувиот цвет мириса исто како и свежиот и може да го користите ставен во вреќички од тенка ткаенина за освежување на плакарите и како заштита од молци.