Овој кактус, како и поголемиот број кактуси, потекнува од Мексико. Има
долги листови кои се тркалезни на дното и имаат назабени краеви.
Цветовите се јавуваат на листовите кои се постари од две години, и
може да бидат бели, розови и црвени. Постојат и двобојни видови, така
наречени кактус-орхидеја.
Чувајте го надвор на светло место, но не изложен на директно сонце.
Во текот на растењето и цутењето потребна му е повеќе влага. Кога ќе
престане да цути полевајте го еднаш седмично, а во зима многу ретко.
Не дозволувајте да остане вода во подлошката, бидејќи прво ќе почне да
пропаѓа коренот, а потоа и целиот кактус.
Во периодот на буен раст (пролет и лето) на секои петнаесет дена
прихранувајте го со течно ѓубриво за кактуси.
Кога надворешната температура ќе падне на 5-6°С внесете го внатре и
ставете го на светло место, во не многу загреана просторија. Листовите
кои ќе избијат во текот на зимата најчесто се тенки, тркалезни и светли, и
нема да дадат цветови, па затоа отстранете ги.
Лесно се закоренува со резници од листовите. Резниците не ги ставајте
во вода, туку забодете ги директно во мешавина од песок и компост.