Бршленот е отпорно растение, и може да го ставите во најтемниот дел
од просторијата. Но тогаш земете вид кој има што помалку шарени
листови, бидејќи во сенка ќе ги изгуби жолтите шари. Ползавец е, и може
да го посадите во висечка саксија, или да му овозможите да се качува на
стап обложен со мов.
Бара малку вода, затоа не претерувајте со залевање. Во лето е доволно
да го полевате еднаш седмично, а во зима на секој десетина дена.
За да се развие во грмушка, одрежете ги врвовите кои растат, па ќе
потераат млади гранчиња од земјата. Тие врвчиња може да ги користите
за размножување. Ставете ги директно во земја, или пак прво во вода, па
кога ќе потераат коренчиња, насадете ги.
Пресадете го дури кога од дното на саксијата ќе почнат да му излегуваат
коренчињата.
Бршленот може да го чувате и надвор, но ако се решите на таков чекор,
направете го во доцна пролет, за да може да се прилагоди до зимата.