Ова декоративно тропско растение има зелени, овални и крупни листови, а меѓу лисните жили има дамки во бела, жолта, темно зелена, темно црвена или бакарна боја, во зависност од видот. Младите листови избиваат завиени, налик на цигара.
Поставете го на топло и светло место, но не на директно сонце. Температурата во просторијата најдобро да биде од 16 до 20°C. Полевајте го многу внимателно и умерено бидејќи од многу вода може да иструли кореновиот врат. Сепак треба да му обезбедите влага во воздухот, па затоа оросувајте ги секојдневно листовите со отстојана млака вода.
Пресадувајте го секоја пролет во плитки саксии и обезбедете му добра дренажа. Додека не зажилат пресадените растенија чувајте ги на топло, светло и затворено место и обезбедете им доволно влага.
Се размножува со делење на коренот и со резници. Делењето на коренот се врши од јули до следната пролет, а секој дел од коренот мора да има жилички. Со резници се размножува во пролет, а резниците се земаат од изданки од врвот кои треба да се посадат во влажен песок на температура од 18 до 22°C.