Ова едногодишно растение потекнува од Јужна Америка и Мексико. Најчесто се
одгледуваат два вида:
- Cosmos sulphureus има зарежани темнозелени листови, а бојата на цветот може
да биде во сите нијанси на жолта и портокалова. Постојат вариетети со дупли или
едноставни цветови, а растат од 30-60 cm.
- Cosmos bipinnatus расте повисоко, има нежни, долги листови со иглички, а цветот е
бел, розов, виолетов или црвеникав.
Може да го посадите во градината или во саксии, но внимавајте на висината на
вариететот. Најдобро успева на сончево место, а земјата треба да биде добро
дренирана. Со редовно залевање ќе цвета од јуни до првите мразеви, под услов
редовно да ги откинувате овенатите цветови.
Може да се користи и како режено цвеќе во вазна. Најдобро е цветовите кои ќе ги
чувате во вазна да бидат набрани рано претпладне додека стеблата се полни со влага
која ја впиле во текот на ноќта.
Се размножува со семе кое во топлите краеви се сади директно во градината во
средината на април, а во студените подрачја треба да се посади под стакло или
на затворено, па младите растенија да се пресадат кога ќе помине опасноста од
смрзнување. Често знае и само да се осемени.