
Во родот Rhododendron има голем број на разни видови растенија, од сосема мали со свитливи стебленца до такви со големи стебла. Освен тоа се разликуваат и по обликот на листовите, бојата и обликот на цветовите, постојат зимзелени, а и листопадни видови. И азалејата е еден вид на рододендрон.
Заедничко за сите видови е дека сакаат делумна сенка, кисело тло и добра дренажа. Понекогаш е тешко да се постигне рамнотежа и да се задоволи растението бидејќи сака и голема влага. Најдобро е земјата да се помеша со тресет кој ќе ја направи растресита.
Бидејќи бараат доста влага се препорачува да се стави малч околу стеблото и донекаде да ја задржи влагата. Нека тоа бидат помешани иглички, ситни гранчиња и кора од бор, ела и смрека бидејќи создаваат киселост.
Ако се случува растението слабо да напредува треба да се прихранува со ѓубриво наменето за рододендрони. Како и кај сите растенија кои цветаат се препорачува да се отстрануваат овенатите цветови за да се продолжи времето на цветање.