Ова растение со цветови кои личат на оние на олеандерот, потекнува од северна и источна Африка и е сукулент. Цветовите може да бидат во повеќе бои, а многу често се и двобојни. Споро расте, но под услов да има доволно светло и добра циркулација на воздухот лесно ќе го одгледате и во домашни услови.
Додека е растението младо подобро е да биде во подлабока саксија, додека на постарите примероци повеќе им одговараат поплитки садови. Земјата треба да биде прозрачна и добро дренирана.
Иако е пустинско, кога станува збор за полевањето, ќе го одгледувате како да е тропско растение. Најдобро успева во топли, влажни и сончеви услови. Додека активно расте земјата мора постојано да биде умерено влажна. Премалку вода нема видно да го оштети, но ќе го забави растот. Во зима, кога температурата ќе падне под 10°С, следува период на мирување. Најчесто се манифестира со нагло пожолтување и пад на листовите. Тогаш полевањето ќе го сведете на минимум, но секогаш внимавајте да не се задржува вода во подлошката бидејќи ова може да биде кобно за растението. Во периодот на мирување, растението внесете го внатре бидејќи не може да ги поднесе ниските температури.
За да цвета потребно му е по 4-5 часа директно сонце дневно, а остатокот од денот треба да има доста светлина. Сепак, во најжешките летни денови му одговара и малку сенка бидејќи силното сонце може да го изгори растението, особено ако нема доволно листови кои ќе го заштитат. Младите примероци избегнувајте да ги поставувате на директно сонце. Ако го чувате внатре, повремено вртете ја саксијата за да може рамномерно да добива светлина, а со тоа и да се развива.
За да добие грмушкаст облик потребно е да ги пинцирате врвчињата, но ова ќе го одложи цветањето. Прихранувајте го на секои 2 седмици додека е во периодот на активен раст, а во периодот на мирување еднаш месечно. Пресадувајте го кога коренот ќе ја исполни саксијата, најдобро во пролет.